(0 гласови)

Нова Македонија: Приватните детективи – реалност или мит?

Во американски филм, шпанска или турска серија, детективските теми отсекогаш биле атрактивни за гледачите и широката јавност. Мистеријата што ја носи нивната работа, истражувањето и резултатите од истрагата секогаш се теми што будат голем интерес. Филмуваните теми се навистина интересни, но дали тоа се случува и во реалноста? Дали начинот на извршување на недозволените дела, а и начините на нивното откривање во реалноста се совпаѓаат со оние што се прикажуваат во криминалистичките серијали? Дали и адреналинот при откривање на недозволените поведенија е со исто количество како она при следење на детективските серии или филмови? Како и да е, во секој случај, детективските теми и влегувањето во криминалистичко-тактичките истражувања на луѓето им даваат можност да почувствуваат привлечност, возбуда, очекувања и задоволства. Токму затоа и оваа детективска професија е интересна…

ДЕТЕКТИВОТ СОБИРА ИНФОРМАЦИИ

 

Детективската дејност во земјава не е толку стара колку што ни е претставено тоа во филмовите. Според проф. д-р Атанас Козарев, претседател на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје, формално создадени услови за детективска дејност во земјава се создадени со донесувањето на Законот за детективска дејност во 1999 година.
– Под детективска дејност се подразбира собирање податоци и информации, нивна обработка, како и посредување со нив на начин утврден со законот. Детективската дејност може да ја врши само детектив со лиценца за вршење детективска дејност, која ја издава Министерството за внатрешни работи. Надлежноста на детективите е регулирана во членот 12 од Законот за детективска дејност, каде што е нормирано дека детективот може да собира податоци и информации: за обезбедување доказни материјали во врска со кривични дела или сторители на кривични дела; за лица што се исчезнати или скриени, за пишувачи на анонимни писма или за причинители на материјална штета; за откривање идентитетот на лице и негово живеалиште, односно престојувалиште; за украдени или изгубени предмети; за докази што се во врска со заштита или утврдување на вистинитоста во постапка пред суд, друг државен орган, институција што врши јавни овластувања или правно лице што одлучува за одделни права на странката; за односот на работниците спрема заштитата на деловната тајна и за успешноста и деловноста на правни лица – вели Козарев.
Според него, во согласност со законскиот текст, може да се потенцира дека детективската дејност е од информативен карактер и се однесува на собирање податоци и информации од интерес за физички и правни лица во области што се таксативно наброени во законот. Со Законот за кривичната постапка од 2010 година, во Глава XXI, членот 306, кој се однесува на собирање докази од страна на одбраната, се наведува дека бранителот може да презема дејства заради пронаоѓање и собирање докази во корист на одбраната, овластување што бранителот може да го користи во текот на целата постапка. Овие дејства на одбраната може да се извршуваат од страна на бранителот, неговиот заменик, овластените приватни детективи и кога е потребна посебна стручност од страна на техничките советници.
– Оваа одредба во Законот за кривична постапка ја издигна на повисоко ниво дејноста на приватните детективи во нашата држава. Но само на теоретско ниво, затоа што во практиката оваа одредба воопшто не е заживеана – смета тој.

СЕ БАРААТ ДЕТЕКТИВИ И ЗА СОБИРАЊЕ ДОКАЗИ ЗА НЕВЕРСТВА

На социјалните мрежи, особено во оние групи чија тематика се разводи, голем е интересот за приватните детективи. Па, така, голем број жени што се во брак, а имаат предуслов да се сомневаат дека нивниот сопруг ги изневерува, најчесто бараат контакти од приватни детективи со чија помош би докажале дека сопругот ги изневерува, а со тоа би добиле и предност во бракоразводната постапка. Сепак, иако на социјалните мрежи може да се најде сѐ и сешто, според Козарев, приватните детективи во нашата држава освен за надлежностите наброени во Законот за детективска дејност, не може да даваат други услуги.
– Од досегашната практика од регионален аспект, приватните детективи се користат и за проверка на податоци во работна биографија, затоа што во компании и институции со интегритет, менаџерите најчесто се заинтересирани да бидат сигурни дали факултетската диплома на кандидатот е оригинална, дали кандидатот што конкурира за определена работна позиција има криминално досие, проверка на препораки на кандидатите, затоа што многу често тие се невистинити. Приватните детективи се своевиден детектор за професионалната,
социјалната патологија во заедницата. Во однос на проблемот со користење дрога како посебна социопатолошка појава, приватните детективи може да се ангажираат да собираат податоци и информации за тоа дали некое дете се дрогира или, на пример, е дел од некоја верска секта. Родителите најчесто последни ги дознаваат овие проблеми.
Меѓутоа, секој сомнеж на родителите може да се провери и да се овозможи навремена реакција кај децата што имаат промени во своето однесување – потенцира Козарев.
Тој додава дека во однос на брачните неверства, може да се каже дека во државите од опкружувањето најголем метеж во чекалниците на детективските агенции создаваат оние што бараат проверка на верноста на партнерот. Во Србија, на пример, во 99 отсто од овие случаи се потврдило неверството на партнерот. Кај нас приватниот детектив не смее да собира податоци за личниот и семејниот живот, здравствената состојба или верските уверувања на лица, освен ако е тоа основа за развод на брак или се однесува на член на семејството на странката.
– Значи, приватните детективи може да се впуштат во собирање податоци и сознанија за неверства на партнерот доколку сомневањата на клиентот се сериозни и се движат во насока на бракоразводна постапка. Сепак, мора да се внимава во оваа детективска услуга, затоа што се навлегува во приватна сфера, а многу често поради определени околности брачните другари, и покрај цврстите докази за неверство, сепак остануваат во заедница (брачна или вонбрачна). Детективите во суштина би требало да бидат дел од секоја сериозна адвокатска канцеларија, имајќи во вид дека во остварувањето на одбраната, важна поддршка за адвокатите во делот на материјалните докази би требало да претставуваат токму лиценцираните приватни детективи. Исто така, осигурителните компании во решавањето на предметите за материјална и нематеријална штета не би требало да функционираат без континуирано користење на услугите на приватните детективи (поголем дел од барањата за штета доставени до осигурителните компании содржи фалсификувани документи!). Дејноста на приватните детективи опфаќа и други области од општественото живеење и функционирање на деловниот свет – вели тој.

 

ГОЛЕМ БРОЈ ПРЕДИЗВИЦИ ЗА ДЕТЕКТИВИТЕ

Според претседателот на Асоцијацијата за корпоративна безбедност, многубројни се предизвиците со кои се соочуваат лиценцираните и дипломирани детективи.
– Во нашата држава има голем број дипломирани детективи што поради моделот за вршење на детективската дејност од 1999 година, нормиран со постојниот закон, не се во состојба да започнат сопствена дејност (а со тоа не се дејствува во правец на намалување на бројот на невработени дипломирани детективи, истите тие се принудени да ја напуштаат државата од егзистенцијални причини или, пак, им останува можноста да работат во ресторани со високо образование). Сѐ уште не е формирана комора за приватни детективи и воопшто не е предвидена во досегашниот закон, што од аспект на приватната детективска дејност е потребно да се нормира со законот од неколку причини: комората би требало да биде вклучена во полагање на испитот за добивање лиценца за детективи, или во рамките на комисијата во МВР да има претставник на приватните детективи како прв чекор за демократизација на приватната детективска дејност, комората мора да биде во координација со министерството итн. Најпосле, иако се поминати неколку децении од воспоставувањето на детективската дејност, сѐ уште недоволно се вложува во издигнување на свеста за унапредување на оваа дејност заради задоволување на интересите и потребите на граѓаните и правните лица – смета тој.


Прв Македонец во улога на интернационален детектив

Славиша Симионов е дипломиран детектив на еден од приватните факултети во Скопје, во групата на проф. Атанас Козарев.
Детективската агенција „Прајват детектеи СС“, која е основана и е со седиште во Швајцарија, чиј основач е детективот Славиша Симионов, кој е лиценциран од страна на кантонот Ури, Швајцарија, ги нуди следните услуги: брачни случаи, старателство на дете, неверство, вработување, случаи за кражба, Развод, лоцирање лица и исчезнати лица, личен надзор, проверка на заднина, финансиска и осигурителна измама, граѓански прашања и други услуги што се од областа на детективската дејност. Детективската агенција има успешна соработка со агенции од Западен Балкан и ЕУ.


Има ли елементи за унапредување на постојниот закон за детективска дејност?

Постојниот закон за детективска дејност од неговото донесување до денес е во функција на унапредување на секторот за приватна безбедност и доближување на нашето законодавство со европското, кое ја регулира дејноста на приватните детективи.
Според Атанас Козарев, претседател на асоцијацијата за корпоративна безбедност, во создавањето на нормативниот систем за детективска дејност се инкорпорирани одредби од странски искуства.
– Сепак, би додал дека не секогаш копирањето одредби од правни акти од други правни системи може да се остварува по автоматизам, без притоа да се имаат предвид менталитетот, условите и посебностите на македонскиот правен и безбедносен поредок. Првата предност на овој закон од 1999 година е што создаде правна рамка за вршење детективска дејност како детерминанта за редуцирање на дејноста на приватните детективи надвор од законските услови. Втората предност на законот се состои во тоа што придонесе да се акредитираат студиски програми за дипломирани детективи, како и основање високообразовни установи за прв и втор циклус на студии.
Според него, законот овозможил да се регистрираат првите детективски агенции преку кои лиценцираните приватни детективи може да ја обезбедат својата егзистенција.
– Сепак, од денешна перспектива, постојниот закон има и голем број суштински слабости, а како позначајни се следните: постојната законска дефиниција за детективска дејност е потребно да се приспособи на современите аспекти на приватизација на безбедносниот сектор; дискутабилен е членот 5-а од наведениот закон, особено во однос на стручните испити, кои не се компатибилни во целост со природата на детективската дејност. Како пример би ја навел точка IV, каде што е наведен предметот Заштита на лица и имот. Детективите не треба да се поистоветуваат со приватните обезбедувачи. Затоа многу е индикативно наместо Законот за вршење детективска дејност, во програмата да биде ставен предмет заштита на лица и имот. Дискутабилни се и другите предмети што се наведени во овој член. Оваа состојба е наметната затоа што приватните детективи воопшто не се консултирани за овие прашања и отсуствува современ компаративен пристап во регулирањето на оваа дејност и друго. Досегашните измени на овој закон беа само формалноправна козметика, која исто така не придонесе да се развие детективската дејност – смета тој.

Автор: 

Даниела Трајковска Здравеска

Линк до статијата

 

Прочитајте 293 times

Оставете коментар

Make sure you enter all the required information, indicated by an asterisk (*). HTML code is not allowed.