Организација

Внатрешна организација

Органи управување на Асоцијацијата се:

  • Собрание;
  • Управен одбор;
  • Претседател на Асоцијацијата.

Други органи на Асоцијацијата се:

  • Надзорен одбор;
  • Генерален секретар;
  • Работни тела.

 

Собрание на Асоцијацијата

Собранието на Асоцијацијата го сочинуваат сите членови кои пристапиле кон Асоцијацијата. Собранието  на  Асоцијацијата  ги  врши  следните работи:

  1. ги донесува Статутот, Програмата и другите акти на Асоцијацијата и одлучува за нивно изменување и дополнување;
  2. ги утврдува правците за работа на Асоцијацијата;
  3. разгледува прашања непосредно поврзани со целите и задачите на Асоцијацијата;
  4. усвојува: завршна годишна сметка на Асоцијацијата и Годишен извештај на Претседателот на Асоцијацијата;
  5. определува претставници кои ќе ја претставуваат Асоцијацијата во сојузи, асоцијации и други домашни и меѓународни организации;
  6. донесува Деловник за својата работа;
  7. одлучува за почесни членови на Асоцијацијата, на предлог на Претседателот на Асоцијацијата;
  8. одлучува за висината на годишната членарина;
  9. одлучува за престанок на здружението со двотретинско мнозинство;
  10. одлучува и за други прашања што не се во надлежност на другите органи на Асоцијацијата.
  11. го избира и разрешува Претседателот на Асоцијацијата од редовите на членовите на Асоцијацијата, со просто  мнозинство
  12. ја разгледува Информацијата од Генералниот секретар на Асоцијацијата за бројот на членови на Асоцијацијата.

Седниците на Собранието ги свикува претседателот на Собранието, на предлог на Претседателот на Асоцијацијата или на најмалку 10 членови на Асоцијацијата.

Собранието може полноважно да одлучува ако на него присуствуваат повеќе од половината од неговите членови.

Собранието одлучува со мнозинство на гласови од присутните членови. Секој член на Собранието има право на еден глас.

За одлука за измена и дополнување на Статутот неопходно е двотретинско мнозинство на присутните членови.

Управен одбор на Асоцијацијата

Управниот одбор е извршен орган на Асоцијацијата.

Претседателот на Управниот одбор е и Претседател на Асоцијацијата.

Управниот одбор заедно со Претседателот на Управниот одбор го сочинуваат 5 членови кои имаат пристапница за член на Асоцијацијата.

Седниците на Управниот одбор ги свикува Претседателот на Управниот одбор.

Седница на Управниот одбор може да биде свикана и на барање на една третина од членовите од вкупниот број на Управниот одбор.

Управниот одбор полноважно може да одлучува ако на седницата присуствуваат повеќе од половина членови на Управниот одбор.

Управниот одбор своите одлуки по правило ги донесува со мнозинство на гласови на присутните членови на седницата на Управниот одбор, освен за оние за кои е потребно посебно мнозинство.

Начинот на свикување на седниците на Управниот одбор се регулира со Деловник за работа на Управниот одбор.

На Претседателот на Управниот одбор и на членовите на Управниот одбор им следува надомест за работата.

Висината на надоместокот се утврдува со посебна одлука на Управниот одбор на Асоцијацијата.

Членовите на Управниот одбор ги избира Собранието на Асоцијациата со мандат од 10 (десет) години, на тајно гласање.

Надлежности на Управен одбор

Управниот одбор ги има следниве права и обврски:

– ги подготвува седниците на Собранието на Асоцијацијата;

– ги извршува одлуките на Собранието на Асоцијацијата;

– ја контролира уплатата на членарината и превзема соодветни мерки против оние членови кои што не ја подмириле во определениот рок;

– се грижи за обезбедување на законитоста и правната примена на прописите.

Управниот одбор одлучува и за други прашања кои се со закон и со овој Статут утврдени во негова надлежност, како и за оние прашања кои се од интерес на Асоцијацијата, а не се определува надлежност на било кој друг орган.

Разрешување на Управен одбор

Во случај Управниот одбор да управува и работи спротивно на законските прописи, Статутот и другите акти на Асоцијацијата или причини штета на Асоцијацијата или нејзин член, како и доколку работи неефикасно, Собранието на Асоцијацијата на предлог на надзорниот одбор може да го разреши Управниот одбор или негов член и пред истекот на мандатот и тоа:

– ако управува и работи спротивно на законските прописи, Статутот и другите акти на Асоцијацијата;

– Ако причин штета на Асоцијацијата или нејзин член;

– Ако не ги врши своите должности или не ги врши одговорно, или ги врши неблаговремено;

– Ако Управниот одбор не подготви и не поднесе Извештај за работа до Собранието на Асоцијацијата;

– Ако член на Управниот одбор отсуствува два пати неоправдано од седницата на Управниот одбор;

– Ако член на Управен одбор повеќе не е член на Асоцијацијата.

Доколку бидат разрешени најмалку 3 (три) члена на Управниот одбор поради причини наведени во член 15, Управниот одбор се распушта и се спроведува постапка за избор на нови членови на Управен одбор.

Претседател на Асоцијацијата

Претседателот на Асоцијацијата е Претседател на Собранието на Асоцијацијата.

Претседателот се избира за време од десет години со право на избор на уште еден петгодишен мандат.

Претседателот на Асоцијацијата може да биде разрешен од должноста Претседател спротивно на неговата волја доколку;

– не работи согласно законските прописи;

– не ги почитува одредбите на овој Статут, одлуките на Собранието и Управниот одбор и истите не ги спроведува или ненавремено ги спроведува;

– доколку со своето работење како Претседател причини материјална штета на Асоцијацијата;

Иницијатива за сменување на Претседателот на Асоцијацијата може да покренат најмалку две третини од членовите на Управниот одбор или најмалку 40% од вкупниот број на членови на Собранието на Асоцијацијата.

Предлогот по иницијатива за разрешување на Претседателот на Асоцијацијата го утврдува Управниот одбор со двотретинско мнозинство. Одлука за разрешување на Претседателот на Асоцијацијата донесува Собранието на Асоцијацијата со двотретинско мнозинство од вкупниот број на членови на Собранието на Асоцијацијата.

 

Надлежност на Претседателот на Асоцијацијата

Во надлежност на Претседателот на Асоцијацијата е:

  • да свикува и да раководи со седниците на Собранието на Асоцијацијата;
  • да ја насочува и да ја координира работата на работните тела на Асоцијацијата;
  • да изготвува Годишен извештај за својата работа;
  • да управува со имотот на Асоцијацијата;
  • ја операционализира Програмата за работа на Асоцијацијата,
  • донесува одлука за потписници на жиро – сметката на Асоцијацијата,
  • предлага до Собранието на Асоцијацијата формирање постојани и повремени работни тела,
  • предлага до Собранието членови на работни тела;
  • управува со работата на Асоцијацијата помеѓу две седници на Собранието;
  • ја поттикнува соработката со домашни научни и наставни институции;
  • ја предлага меѓународната соработка на Асоцијацијата;
  • да врши и други работи согласно Уставот и законите, во рамките на статутарните цели и задачи на Асоцијацијата;

Претседателот на Асоцијацијата во случај не негово отсуство овластува член на Асоцијацијата кој ќе го заменува и застапува Асоцијацијата во негово име.

Надзорен одбор

Надзорниот одбор на Асоцијацијата го сочинуваат претседател и тројца членови кои што ги избира Собранието на Асоцијацијата од редот на своите членови.

Надзорниот одбор ја следи  примената на одредбите на овој Статут и другите подзаконски акти на Асоцијацијата од страна на органите и телата на Асоцијацијата.

Надзорниот одбор го проверува материјалното и финансиското работење на Асоцијациајта, како и начинот на користење на средствата на Асоцијацијата.

Надзорниот одбор е должен да поднесува извештај за својата работа до Собранието на Асоцијацијата, посебно за примената на Статутот и другите подзаконски акти, како и за материјалното и финансиското работење на Асоцијацијата, најмалку еднаш годишно.

Седницата на Надзорнот одбор ја свикува и раководи Претседателот на Надзорниот одбор во полн состав.

Мандат на Надзорен одбор

Надзорниот одбор е со мандат од 5 (пет) години, со право на реизбор.

Гласањето за избор на Надзорниот одбор е јавно.

Работни тела на Асоцијацијата

Собранието на Асоцијацијата, од редовите на членството формира  

  • постојани и
  • повремени работни тела (комисии).
  • Со работата на комисијата раководи претседателот на комисијата.

 

Генерален секретар на Асоцијацијата

Генерален секретар на Асоцијацијата:

  1. подготвува нацрт предлози за општите акти кои ги донесува Собранието на Асоцијацијата;
  2. води регистар на членовите на Асоцијацијата;
  3. ја води и чува архивата на Асоцијацијата;
  4. извршува и други работи за потребите на Претседателот на Асоцијацијата.

Собранието на Асоцијацијата на предлог на Претседателот на Асоцијацијата го назначува и разрешува Генералниот секретар.